СКК: Што претставува за тебе колажот? Како дозна за него?

Ирис: Сметам дека колажот е нешто слично за мозокот како што е физичката активност за телото – некакво креативно „издувување“ кое бара одредена количина сила и посветеност, но те остава со продуктивно и позитивно чувство.
Како продолжеток на аналогијата: и за двете треба „растегнување“ за да не ти грчат нозе, грб, рамења… хаха.

СКК: Аналогни или дигитални? Скалпел или ножички? И зошто? 😀

Ирис: Аналогните колажи ми се бесконечно поинтересен формат од дигиталните. Лично верувам во користење само на пронајдени материјали во своите колажи, не сакам ништо да е премногу испланирано.
Планот за композицијата природно излегува и се гради при листање нови и стари списанија, флаери, каталози итн.
Иако има колажери како Ian Woods што користат готови, принтани материјали, и тие многу ми се допаѓаат.

Ножичките ми даваат прецизност и контрола што скалпелот едноставно не може да ја даде. Во суштина, зависи од формата, односно дали има агли. Можеби јас не сум највешта со скалпел кога предметот што го сечам е заоблен.

Сепак, правам дигитални колажи понекогаш, но едноставно не ми се еднакво импресивни како што ми беа пред пет-шест години.

СКК: Колку време се занимаваш со колаж?

Ирис: Ми беше честа активност со мајка ми како дете, кога сечевме Gioia, каталози од Avon или разни модни списанија. Тука научив да сечам правилно со ножици.
Во основно ги виткав тетратките со колажи од принтани (нешто што сега не го претпочитам) слики под проѕирен тапет.

Со ваквите колажи (како што ги гледате) почнав пред две и пол до три години.

СКК: Кои материјали ти се омилени за правење колаж?

Ирис: Најдени списанија, флаери за настани, весници, каталози, програми за кина…
Живеам во Чешка, каде што сѐ уште лесно се достапни многу од горенаведените материјали. Во градските локали обично се оставени за муштериите, а постојат и разни мали весници и слични изданија на општинско и маалско ниво.
Сепак, најголемиот дел од списанијата што ги користам доаѓаат од антикварници.

СКК: Дали правењето колаж влијае на твојата личност? Дали и како си различна пред и по правењето на едно дело?

Ирис: Ќе се надоврзам на првиот одговор. Да, дефинитивно ми влијае.
Ми пружа ментално растеретување и ми дава креативен излез.
Никогаш не знам кога еден колаж е „стварно“ готов – само чувствувам момент кога повеќе немам што да му додадам.