Идејата на овој текст е да постави некаква ориентациона мапа на хронотопи значајни за колажот како техника. Со срдечно и искрено извинување доколку пропуштаме нешто.

Како што е адетот, на почеток редно е да се „залепиме“ за потеклото на поимот колаж. Долга е раката на „Скопје колаж колектив“ и чепкајќи низ најверодостојните зборообразувачки архиви досегна до стара Грција каде што kolla значело лепило. Малку (неколку стотини години) подоцна во францускиот (или старофранцускиот) јазик се појавува поимот coller (во превод лепење), што е и основа за денешниот collage, било како глаголска форма, било како номенклатурна ориентација за уметничкиот правец кој е цел на анализа во овој текст.

А тој, уметничкиот правец кој го анализираме всушност е магична умешност на пресложувањето, снолика сложувалка чии делчиња се навидум неспоиви. Уметност што одново и одново го отвора прашањето дали случајности постојат. Да, зборуваме токму за колажот, ентропичен систем на уметничко изразување, кој успева да ја оправда логиката пркосејќи ѝ, дури и таму каде што рационалното си ја подвиткува опашката.

Мртва природа со стол од трска | Still-Life with Chair Caning, 1912 by Pablo Picasso

Кубистите и првата авантура со колажот

Ако безобразно ги изоставиме Кина, откривањето на хартијата, калиграфските поеми во Јапонија, имплицитното колажирање низ техниките на хаику и оригами, позлатувањето во иконописот и фрескописот, обидите за фотоколажи на кралицата Викторија и го подместиме објективот на хроновизорот таму каде што ни одговара, тогаш и само тогаш, приказната почнува во Париз некаде на почетокот на 20 век. Нејзиниот (Џакомети веројатно би рекол „комерцијален“) почеток е поврзан со имињата на Пабло Пикасо и Жорж Бак и нивниот обид да го ослободат креативниот израз од традиционалистичките ограничувања. Така, наместо да користат само регуларни ликовни материјали, тие започнуваат да лепат исечоци од весници, ткаенина и секојдневни предмети на своите платна и на тој начин успеваат да донесат творечка свежина и да осветлат нови неочекувани перспективи. Со други зборови, успеваат да создадат „continuum mirandum“ (непрекинато изненадување). А Пикасовата „Мртва природа со стол од трска“ станува првиот модерен колаж.

Веројатно периодот на кубизмот е најсовршениот момент за раѓањето на колажот затоа што колажот станува практичен метод за она што се основни постулати на кубизмот, т.е. разбивањето на формата и традиционалната перспектива, воведување на апстракцијата и девијација на формите, реобмислување на формата (аналитички или синтетички).

Несликата | Das Undbild, 1919, Staatsgalerie Stuttgart

Дадаистите: колажот како бунтовник

Горчината на Првата светска војна со целата нелогичност станува лепило за колажите на дадаистите, кои ја користат оваа техника како протест против хаосот, што веројатно и било логичен одговор на сето лудило. Интересна фигура од овој период е Курт Швитерс, кој низ речиси поетски субјективен израз, користејќи рекламен отпад и безвредни предмети, го создава колажот „мерц“, кој пак го добива името анегдотски, по фрагмент од рекламен материјал за „Commerzbank“ што бил искористен во негов колаж. Упс, не можеме да го изоставиме Марсел Дишан (според Бретон) „најнеобичниот, најреткиот, најнепостојаниот човек“, човекот и уметник за кого е слеан поимот „металоморфно“ со цел да ги опише неговите дела во кои човечкото месо морфира во механика.

Страница од „Недела на љубезност“ | A page from Une Semaine de Bonté (orig. 1934) by Max Ernst (all images courtesy Dover Publications)

Надреализмот и соништата на хартија

Колажот продолжува да еволуира со надреалистите, кои техниката и манирот ги подигнуваат на ново ниво. Непредвидливоста што ја носат навидум безличните фрагменти станува погонско гориво за надреалистичките загатки. Ехото на „Извонредните лешеви“ ги споменува имињата на гигантите како Бретон, Тангуј, Ламба, алхемичарот во уметноста Макс Ернст, кој во аманет ни остава колажи што ја исцртуваат азбуката на сонот , сцени што истовремено се и бизарни и полни магија. Хроновизорот некаде одстрана го регистрира и Јозеф Корнел. Вредно е да се спомене и Хана Хох, која смело го користи колажот како уметнички протест, т.е. нејзините дела ги зариваат прстите во гнилите памфлети на општествени норми.

Колажот влегува и популарната култура

Хроновизорот нè носи назад во периодот од на 50-тите и 60-тите години, период на процутот на популарната уметност Pop Art, време кога колажот станува културен феномен, а значајни за издвојување како своевидна хронолошка референција се делата на Ричард Хамилтон. Интересен пример е делото „Што го прави денешниот дом толку различен, толку привлечен?“, кое претставува мозаик од фрагменти секојдневје.

Колажот во дигиталната ера

Хроновизорот сега нè враќа назад во сегашноста (ако таа воопшто постои) во која колажот како техника е подостапен од кога и да е, пред сè поради непресушната ризница на ресурси наречена интернет, а потоа и поради леснотијата на колажирање со дигиталните алатки, кои исто така се лесно достапни, а не смееме да ја заборавиме можноста „CTRL + Z“ (чекор назад) без неповратно да ги уништиме ресурсите.
Неминовно е да ги споменеме и социјалните мрежи кои освен што се значајни како медиуми за претставување и ширење на заедницата, носат и многу можности како наративни алатки чие ограничување може да биде само нашата креативност.

Колажот – снолика слобода

Од експериментите на кубистите до дигиталните уметници денес, колажот еволуира, но секогаш ја задржува својата магија – слободата да ги предизвикаш (не)случајноста и неочекуваното.

Со почит, Скопје колаж колектив