Во „Скопје колаж колектив“ го славиме чистиот уметнички слободен дух и веруваме во вашите скриени потенцијали. Затоа не бараме ништо освен да бидете креативни и слободни!

Го започнавме колективот за да ја разгласиме убавината на колажот, но и бидејќи сметаме дека колаж-предизвиците носат повеќе видови придобивки: 

  1. Слободно креативно изразување

Создавањето колаж нема стриктни правила. Можете внимателно да ги одбирате фотографиите и елементите – да користите математички формули и да читате со денови за филозофијата на контрастот. Но можете да направите цел колаж со фрлање паричка или мижејќи. Сè е дозволено! Клучот е да се препуштите на имагинацијата и да ѝ дозволите на потсвеста да ве води низ нејзините лавиринти. Иако и тоа не е задолжително. Со други зборови: опуштете се, експериментирајте и забавувајте се. 

  1. Колажот како арт-терапија

Поради слободарскиот дух, колажот е често практикуван во групи за арт-терапија. Одбирањето фотографии, правење асоцијации меѓу разни симболи, играта со бои и форми… сето тоа е одраз на вашата потсвест. Преку колажот секој може лесно да нурне во длабоко во себе и да излезе со луди бисери што имаат трепки и кажуваат брзозборки.

Ако ви е интересна идејата за арт-терапија, препорачуваме да одберете фотографии што веднаш ви отскокнуваат и да ги анализирате чувствата што ви ги предизвикуваат. Можете и однапред да си зададете теми како: „Моите стравови“, „Како се доживувам себеси, а како светот?“, „По што трагам?“, „Каде сакам да бидам?“ и слично. 

  1. Зајакнување на заедницата

Силните заедници се базираат на почит и на свест за разноликоста. Тие исто така имаат нецензурирана размена на идеи и светогледи. Со колаж-предизвиците, една фотографија се распрскува и трансформира во безброј интерпретации и уметнички дела. Ќе пронајдете луѓе со слични, но и со радикално различни идеи и визуелни изрази. На тој начин, ќе научите повеќе за својата перспектива, но ќе ги отворите портите и до туѓите светови.

Најубавото од сè е што ќе ја почуствувате возбудата што доаѓа од колективно учество во отворени креативни предизвици. Сепак, една од крајните цели е да се дружиме, слободно и без предрасуди. 

    1. Пресоздавање на стварноста

    Бидејќи колажот подразбира комбинирање на различни слики и симболи, тој во себе ја носи идејата за реобмислување на стварноста. Самите оригинални материјали (весници, архивски фотографии, книги, списанија…) се видоизменуваат и рециклираат, а преку нивното комбинирање, ние создаваме нови стварности. Колажирањето ја зголемува свеста за меѓусебното влијание меѓу различните елементи, а со тоа стануваме и посвесни за нашето живеење и размислување во рамките на светот во кој реално живееме. На тој начин и го менуваме. 

    1. Разубавување на виртуелниот свет

    Но, ние не живееме само во „реалниот“ свет.

    Иако сме свесни дека социјалните мрежи носат одредени штети со себе, продолжуваме да ги користиме. Кога веќе сме таму (односно тука), зошто да не си го разубавиме виртуелниот простор? Наместо да се фокусираме на материјалното и површното, зошто да не прејдеме во светот на соништата и креативните игри? Придружете се на колаж-предизвиците и искористете ги социјалните мрежи за да си ја развиете креативноста. На крајот на краиштата, зошто да не го збуниме малку алгоритамот? 

    1. Славење на автентичната човечка креативност

    Кога сме кај алгоритми, корисно би било и да се бориме против ВИ-банализирањето на уметноста. Денес, некои луѓе дури почнуваат да ја бранат ВИ-„уметноста“ преку нејзино споредување со колажот. Со редовно учество во колаж-предизвиците, сакаме да докажеме дека човекот во себе носи неизгасива креативна искра, која не може да биде заменета од бездушни апарати. (Ваљда нема душа. Ако има, длабоко се извинуваме.) 

     

    Ако се сетите на други придобивки, слободно пишете ни во порака или на мејл.

    Во меѓувреме, придружете се на предизвиците и ослободете си ги душата и умот.