Surrealist Dreams (2021): со ова дело учествував во повикот на Музејот на Нов Зеланд Te Papa Tongarewa во соработка со Парискиот колаж колектив, во избор на 70 од вкупно 600 дела од светот
(https://blog.tepapa.govt.nz/2021/11/22/it-is-a-very-accessible-artform-talking-collage-with-paris-collage-collective/todorovska_ana-1500forblog/
Ана Тодоровска е антидисциплинарен уметник, графички дизајнер, како и лиценциран психолог и практичар на експресивна арт терапија. Таа користи колаж и асемблаж и во својата уметност, но и во својата работа како психолог. Ана го води „Вивид – Здружение за психологија и експресивна арт терапија“, каде организира креативни работилници и програми за личен развој и „МРАК“, проект на изразување преку техниката „black out poetry“, експериментална и колаж поезија.
Колку време се занимаваш со колаж и арт терапија? Кога првпат се вљуби во нив?
– Првиот аналоген колаж го создадов на почетокот на моите студентски денови, пред околу 12 години, поттикнат од чувство на револт и бунт против едностраноста на медиумите, селективното известување и пропагандата, што има сериозно влијание врз јавното мислење. Потоа дознав за фанзините кои се тесно поврзани со панк културата и неколку години се занимавав со правење фанзини кои обработуваат општествени прашања. Отсекогаш сум била инспирирана од теми кои го поттикнуваат прашањето за социјална правда и движења кои ги предизвикуваат општествените норми, па така се запознав со движењето Дада, кое ми даде еден нов поглед на колажот како начин не само на личен израз, туку и на преиспитување на општествените правила. Запознавањето со Надреализмот дополнително ја збогати оваа љубов и истражување на несвесното, апсурдното, забранетото, невозможното. Потоа, учењето фотомонтажа како една пософистицирана форма на колаж ми ја отвори вратата во дигиталниот свет на можности. Со експресивната арт терапија се запознав малку подоцна, пред околу 5 години, со што палетата на израз се прошири вклучувајќи ги сите видови вербален и невербален израз како начин на пренесување на човечкото искуство.
Ана Тодоровска – Blood moon
Дали може да ни објасниш за терапевтскиот аспект на колажот? Како оваа уметност може да помогне во личниот развој на една индивидуа?
– Колажот како медиум за личен развој на работилниците го употребувам на различни начини, во зависност од темата која ја обработуваме. Тој е супер алатка за истражување на делови од себе, внатрешни конфликти, поставување цели за иднината, визионерски табли, претставува визуелен јазик за нештата кои во моментот не можеме да ги изразиме со зборови. Притоа, работиме на интуитивен начин одбирајќи слики, бои, зборови, текстури, исечоци кои резонираат со нашето моментално внатрешно искуство, наместо да се потпираме на надворешни естетски стандарди. Разликата меѓу колажот како уметничко дело и колажот како алатка за развој е во нивната цел – првиот се занимава со истражување техники, стилови, композиции, комуницира со публиката и пренесува порака. Во вториот случај, тој е средство за самоистражување и артикулација на внатрешното искуство, без разлика на крајниот резултат. Со тоа, преку колажот ја проектираме својата несвесна содржина, а потоа истражуваме какво значење и порака носи таа за нас.
Каков ефект предизвикува колажот кај тебе?
– Процесот на создавање колаж ми носи чувство на редење и подредување на внатрешниот свет. Зборување без зборови. Процесот на восприемање туѓи колажни дела кои резонираат со мене носат чувство на разбирање, оној момент кога ќе си речете „Да, тоа е Тоа.“
Што би препорачала на сите што почнуваат да се занимаваат со колаж?
Оставете ги рацете да зборуваат, смислата ќе ја најдете подоцна.
Дали постои некој колаж / уметничко делошто никогаш нема да го заборавиш?
Фасцинирана сум од делата на Џон Хартфилд кои носат сериозна политичка критика со антивоен и антифашистички карактер, создавани токму во периодот меѓу двете светски војни. Неговото дело Niemals Welder! Никогаш повеќе! останува длабоко врежано во мојата меморија. Едни од најмоќните уметнички дела со кои сум се сретнала досега се световите на Ремедиос Варо, од кои би го издвоила La Creación de las Aves / „Создавањето на птиците“.
Што мислиш, зошто колажот станува сè повеќе популарен во современиот свет?
Навистина? Немам впечаток дека станува популарен, но гледам дека е се повеќе присутен. Претпоставувам тоа произлегува од популарноста на графичкиот дизајн како професија, а со тоа се поголемата достапност и усовршувањето на дигиталните алатки кои овозможуваат креирање секакви светови, вклучително алатките со вештачка интелигенција. Истовремено, во последно време и арт терапијата зема поголем замав во светот и се препознава моќта на ова средство кое е секогаш достапно за да нурнеме во внатрешниот свет.
Колку е отворена уметничката сцена кај нас? Дали би променила нешто?
Алтернативната уметничка сцена е богата, храбра и не се плаши да експериментира. Одличен пример за тоа е фестивалот „Под земја полесно се дише“ или „Фијук саем“ на колективот Партизанска штампа. Не сум експерт во оваа област, туку експериментатор и не се чувствувам дека припаѓам на некоја сцена, но ги следам настаните и потребите за израз кај луѓето. Мислам дека има прекрасни луѓе кои ги туркаат границите на изразот во лице на некои закоравени стандарди, но ова се случува многу срамежливо кај нас, за разлика од она што се случува во светот. Она што се трудам да го менувам во нашата средина е создавање простори и можности за автентичен израз.
Дали се соочуваш со блокади? Во такви ситуации, каде ги наоѓаш мотивацијата и желбата? Што е тоа што секогаш ти го разискрува духот?
Блокадите се составен дел од креативниот процес. Наместо обид за нејзино отстранување, се обидувам да се занимавам со самата блокада – да ја истражам и разберам. Пишувањето е еден канал кој ми помага со тоа, прошетките без цел се вториот лек кој секогаш делува. Искри наоѓам во секојдневието – во работата со клиенти, во контекстот во кој живееме, во мистеријата на универзумот, во магијата на приказните за навидум обичните нешта.
Благодариме на Ана за одвоеното време и поддршката. Ѝ посакуваме да продолжи да биде активна, уникатна и инспиративна. Заследете го @mrakizam и @vivid.ekspresivna.art.terapija за да останете во тек со световите на Ана.
Soulwalking (2021) – со ова дело учествував на втората групна изложба „Будење“, организирана од Скала – https://skala.mk/nastani/vtora-skala-izlozba/