Совршено несовршен хаос со Рмуш Мартина

Рмуш Мартина е креативец кој најчесто создава freestyle уметност во различни бои и форми. До сега има учествувано на седум изложби, меѓу кои и една меѓународна – во Севиља, Шпанија, а на 13ти мај со почеток од 20 часот во Културниот центар “Јадро” ќе имате можност да ја погледнете нејзината осма изложба “Сѐ, ви својата пролет” .

Нејзиното формално образование не е ликовната уметност, туку  италијанскиот јазик и книжевност, надополнето со магистерски студии по дигитален маркетинг. Во слободно време многу патува и ужива во адреналински активности како планинарење, сноуборд и сурф.

СКК: Забележавме дека се занимаваш со разни ликовни техники меѓукои и колажот, кои сè ликовни техники и комбинации ги користиш во твоите дела?

Р.М. Најчесто работам со акрилни бои на платно или со мермерни мастила на вода. Тие ми се all-time favourites, но во последно време изработувам и многу колажи, мозаици, експериментирам со епоксидна смола и буквално секоја техника за која имам алатки при рака 🙂

 

 СКК: Што те привлекува конкретно кај колажот? Како дозна за оваа ликовна техника?

Р.М. Мене конкретно ме привлекува апстрактното изразување, па токму затоа започнав да експериментирам со колаж. Ми се допаѓа слободата што ја нуди оваа техника — можеш да комбинираш најразлични материјали, форми, бои и текстури, и секогаш добиваш нешто уникатно и лично. Не постојат ограничувања, и токму тоа ја прави толку возбудлива.

Со колажот првпат се запознав во основно училиште, некаде во 5то или 6то одделение. Толку многу ми се допадна, што дома ми беше хаос од сецканици, списанија и лепила со денови. Но, вредеше — првиот колаж што го направив долго време беше изложен во ходникот на училиштето „Петар Поп Арсов“.

СКК: Во твоите дела се впечатливи флуидноста, тонот и палетата на бои. Со кои три збора би ја опишала енергијата што сакаш да ја пренесеш?

Р.М.: Совршено несовршен хаос 🙂

СКК: Ако таа енергија се раѓа во едно место наречено инспирација, би можела ли да си замислиш и опишеш како би изгледало тоа место во твојот креативен универзум?

Р.М.: Многу шарено сигурно, разиграно, хаотично, весело, секогаш расцутено и…полно со позитивна енергија…и најверојатно има по некоја лубеница ваму или таму 🙂

СКК:  Што сè те инспирира? Дали реалноста, ликовната уметност или останати уметности како музика, книжевност, танц?

Р.М.: Најчесто сликам freestyle – без претходно замислена идеја или концепт. Само седнувам, ги бирам боите што ми одговараат во тој момент и почнувам да цртам форми и линии кои ми доаѓаат спонтано. Тоа ми овозможува да бидам искрена во процесот и да изразам емоции кои можеби и самата не сум ги освестила пред да почнам да работам.

Инспирацијата доаѓа од многу страни. Понекогаш е тоа реалноста – некој настан, сцена или чувство. Другпат е музиката која ја слушам додека работам – таа ми поставува ритам и атмосфера. Често ме инспирираат и други облици на уметност – книжевност, филм, танц – особено кога се полни со симболика или забавна енергија. И, секако, ликовната уметност – и класична и современа – знае да ми поттикне размислување или визуелна насока само со една боја, текстура или композиција.

СКК: Можеш ли да издвоиш три значајни уметници кои ти се поттик и инспирација?

Р.М.: Уфф…само 3?  ајде вакa:
Од класиците, Винсент ван Гог и Кит Харинг ми се меѓу омилените. Кај Ван Гог ме фасцинира начинот на кој преку боја и кратки потези ја пренесува емоцијата, додека кај Кит Харинг ја обожавам едноставноста во формата, но со толку силна порака и динамика.

Од современите уметници, особено ме инспирира Shira Barzilay, позната како Koketit. Нејзиниот стил е минималистички, но многу изразен и женствен. Ми се допаѓа колку лесно создава силен визуелен ефект со само неколку линии и како умеe да го спои телото, мислата и симболиката во еден визуелен јазик.

 

СКК: Во твоите дела сè изгледа флуидно и медитативно. Дали ти е таков и креативниот процес или од време на време се соочуваш со спротиставености и креативни блокади. Ако имаш блокади, како се справуваш со нив?

Р.М.: Најчесто целиот процес ми е многу медитативен – буквално не ги чувствувам саатите како поминуваат од што сум внесена во тоа што го правам. Сè тече природно и интуитивно. Но, се разбира дека имам и блокади. Има денови кога креативноста ми е буквално исклучена, и дури и да седнам да цртам – ништо не ми се допаѓа. Во последно време, во такви денови си давам пауза и се префрлам на други обврски што не бараат креативна енергија. Така не се форсирам, и обично инспирацијата пак си доаѓа кога ќе бидам спремна.

 

СКК.: Што би препорачала на сите кои сакаат да се впуштат во правењето колаж или друг вид уметност?

Р.М.:Би препорачала едноставно – да почнеш, без преголеми очекувања,  клише совет кој и јас некогаш го добив, а многу подоцна сфатив што точно значи и колку е моќен. Да не се плашиш, да си дадеш време и да не се откажеш. Колажот и уметноста воопшто се игра, истражување, процес. Не мора од прва да излезе нешто што ќе го обожаваш – важно е да се изразиш, да згрешиш, па пак да пробаш. И најважно од сè: да не се споредуваш со другите. Секој има свој ритам и своја визуелна експресија што со време се оформува. Креативноста е многу лично нешто – и баш затоа е толку ослободувачка.

А доколку некој нема соодветни алатки или сака да твори во пријатна, поттикнувачка атмосфера, може да се приклучи на моите креативни работилници. Таму, учесниците добиваат сè што им е потребно – материјали, поддршка и менторство низ целиот процес – и на крајот си заминуваат дома со уникатно дело изработено со свои раце.

 

 

СКК.: На крајот, кога ќе ги погледнеш сите твои досегашни дела како една голема целина, каква порака би сакала таа целина да му остави на светот?

Р.М.: Јас цртам со јаки, вибрантни  и шарени бои, а никогаш не упоребувам црна – па нека биде тоа пораката, да се фокусираме и препуштиме повеќе на шареното него на црното во светот 🙂